Хрватска ги исполни условите да стане дел од еврозоната
Европската комисија заклучи дека Хрватска ги исполнува критериумите да стане 20-та членка на еврозоната од 1 јануари 2023 година.
-Хрватска направи значаен чекор кон усвојување на еврото, нашата заедничка валута. Помалку од една деценија по пристапувањето во ЕУ, Хрватска сега е подготвена да се приклучи на еврото на 1 јануари, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
Според неа влезот во еврозоната ќе ја направи хрватската економија посилна, ќе донесе придобивки за граѓаните, компаниите и општеството воопшто, а еврото исто така ќе стане посилно со влезот на Хрватска во еврозоната додаде таа.
ЕЦБ и Европската комисија објавија извештај за напредокот на земјите-членки во исполнувањето на критериумите за да го прифатат еврото. Извештајот опфаќа седум земји – Бугарија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија и Шведска. Данска има трајно ослободување од обврската за прифаќање на еврото и не е опфатена со извештајот.
ЕЦБ и ЕК подготвуваат комплементарни двегодишни извештаи кои ја формираат основата за одлуката на Советот за тоа дали една земја се квалификува за еврото. Истовремено со објавувањето на Извештајот за конвергенција, Комисијата објави и предлог за Одлука на Советот и предлог за Регулатива за пристапување на Хрватска во еврозоната.
