Во Скопје скоро 60.000 станови седат празни
Последните статистички податоци потврдуваат дека понудата на станови веќе од поодамна ја има задоволено побарувачката, но и покрај тоа и понатаму се гради и се купуваат нови станови. Над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени, покажуваат податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика, објави DW.
Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град – 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари.
Охрид е втор град на листата со станови во кои не живее никој. Според статистиката, во овој туристички град има 17.820 празни станови, додека во Струга – 10.153. Во Битола, пак, евидентирани се дури 16.063 станови без домаќини.
Статистичките податоци покажуваат дека лани се издадени 4.069 одобренија за градење, во споредба со 2020 година – кога имало двојно помалку – 2.837.