„Мемиња“ – од вирално до профитабилно

Новите трендови на интернет-културата ги создадоа т.н. „мемиња“ (memes) и „гифови“ (GIF’s) – нови форми на содржина измислена, и користена претежно од новите генерации на корисници на социјалните мрежи.

Но што всушност претставуваат тие? „Меме“ e широк поим кој генерално вклучува каква било слика, видео, текст или друга онлајн содржина, која е обично хумористична и со минимални измени – лесна за споделување. Тоа се често шеги изградени од сарказам, сатира или пародија и често користат разни слики или исечоци од формати (како на пр. GIF) од различни медиуми кои се широко достапни на интернет.

Во растечката „социјални мрежи-економија“ базирана да ти го привлече вниманието, тие се новиот инпут и средство за монетизација.

Ова не носи до прашањето: кој ги поседува овие онлајн содржини, и како истите може да се монетизираат?

Тенка е линијата помеѓу „смешно “ и „кршење на закон“

Генерално, „мемиња-та“ и „гифови-те“, се авторска содржина и тие се универзално заштитени преку законите за авторски права уште од самиот момент на нивно настанување. Во пракса, ако содржината е оригинална и со одредена доза на креативност, и е ставена на материјална (или дигитална) подлога, ваквата содржина се смета за изворно авторска. Законите за Авторски права им даваат на оригиналните креатори или на сопствениците на медиумите преку кои се шират, ексклузивни права на: репродукција, модификација, дистрибуција, изведба и прикажување.

Практично, ова значи дека ако постираш или споделиш „меме“ или „гиф“ кој не е твое авторско дело, ти всушност го прекршуваш законот!

Но, бидејќи дигитализацијата во црно-белиот свет на интелектуалната сопственост е сеуште „сива“ материја, регулаторите сеуште немаат унифициран став што смее, а што несмее да се прави при споделување на ваквите содржини, затоа што доаѓа до судир на повеќе права истовремено: правото на авторство, на публикација, (претежно американското) право на фер-употреба, правата на критика или пардоија / сатира, или правата на адаптација /ре-адаптација на нечие туѓо дело…

Истовремено, денес дури и стандардните бизниси почнуваат да користат „мемиња“ или „гифови“ како маркетинг алатки за да го привлечат вниманието на купувачите. Во случај кога „мемиња-та“ или „гифови-те“ се користат за комерцијални цели, тогаш вистинскиот сопственик може да се повика на своите авторски права или правата на заштитена трговска марка.

Сега, кој ги поседува онлајн-содржините?

Ако е твоја и оригинална содржина, зошто да не пробаш да заработиш од неа?! Се повеќе социалјни платформи го овозможуваат токму ова. Но, треба да знаеш некои работи пред воопшто да започнеш со правење „онлајн пари“:

Обично, доколку креираш твое оригинално „меме“ и го споделуваш преку социјалните мрежи или по дигитален пат – тогаш немаш проблеми со законите, затоа што тоа се смета за твое авторско дело.

Доколку пак, земеш нечија туѓа: фотографија, звук, глас, име или други препознатливи карактеристики и ги приспособиш на начин на кој ти сметаш дека е (не)соодветен – веројатноста да прекршуваш нечии права се зголемуваат.

Но, доколку некое „меме“ или „гиф“ се креирани и се споделуваат во онлајн или офлајн форма (печатено, аплицирано на маици, капи или друг вид на продукти), со цел од истите да се оствари профит, а притоа немаш дозвола од вистинскиот сопственик/креатор на содржината – тогаш ќе имаш голем проблем со законот!

Општо земено, ако споделуваш „меме“ / „гиф“ само како средство за изразување на социјалните медиуми или на друго место на интернет – прекршувањето не е нешто за што треба да се секираш.

Но, ако целта ти е  монетизирање на ваквата содржина кој е во сопственост на трети лица, истата може да го убеди сопственикот на авторските права или на одредена трговска марка да бара правна постапка. Затоа, пред да се одчучиш за правање пари од неа, важно е да ја потврдиш сопственоста на правата за комерцијализација, или да имаш договори за лиценцирање на истата.

Патот до монетизација и профит

Познатото „меме“ на американскиот политичар Берни Сандерс, како стои на студот со јакна и нараквици на инагурацијата на претседателот Џо Бајден, стана инстант вирална сензација. Неговиот маркетинг тим, наводно има генерирано колку $2 милиони долари приходи, благодарение на само таа негова фотографија!

Во 2013 година, сопствениците на популарната „Nyan Cat” и „Keyboard Cat” ги тужеа „Warner Bros.“ и  „5th Cell“ за недозволена употреба на нивните ‘мемиња’ во видео игра, за која што ниту беа запрашани, ниту компензирани.

Неодамна, дигитален токен од познат „гиф„ на анимирана летечка мачка, се продаде за неверојатни $580.000 долари!

Во 2019, сензационланиот турски готвач Nusret Gökçe, или на интернет познат како „Salt Bae“ ја заштити својата трговска марка (GIF) во форма на движечко лого – на ниво на ЕУ, во категориите: храна и пијалоци, угостителство и облека.

Сосема е соодветно е да им се даде признание на луѓето за нивната креативност, и тие да бидат компензирани за нивниот труд. Онлајн содржините, во било кој формат го овозможуваат токму тоа. Само што сега, начините ова да се постигне по пат на дигитална виралност стануваат фантастично лесни!

Еволуција или револуција на правото во дигиталното доба

Иако принципите на меѓународните закони за авторски права датираат со векови, тие не се статични и продолжуваат да се развиваат и во оваа дигитална ера.

Сегашните закони за авторски права тангираат делови кои меѓу другото се занимаваат и со онлајн пиратеријата, нелегалното преземање на содржини од интернет, стримувањето во живо и слични теми, така што законите секогаш, секогаш се прилагодувале на праксата. Така ќе е и сега.

Интернетот тотално го промени начинот на кој креираме и дистрибуираме содржини. Прашањето на векот засега е: дали се што креираме, мора на некој начин да биде поседувано од некого?!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!