Проверете го интелекуалниот капитал – пред да инвестирате во стартап

„Skype“ започна со работа во 2003 година, а подоцна во 2005 беше купен од „eBay“ за 3.1 милијарди американски долари. Кога „eBay“ требаше да продаде 65% од „Skype“ во 2009 година на приватен конзорциум од инвеститори, основачите на „Skype“ – Niklas Zennstrom и Janus Friis поднесоа тужба за авторски права против „eBay“, информирајќи ги дека „eBay“ всушност не го го поседува изворниот код на „Skype“, кој сè уште бил во сопственост на компанијата на основачите наречена „Joltid“.

Како резултат на ова, „eBay“ беше принуден да се спогоди со тужбата со тоа што предаде 14% удел во новиот „Skype“, и даде дополнителни две места во Бордот на Директори за оригиналните основачи на „Skype“! Беше сосема изненадувачки да се дознае дека во договор за купување на компанија вреден милијарди долари, одредени делови на интелектуалната сопственост не беа воопшто земени во предвид.

Честопати, т.н. „нематеријален капитал“ на технолошките стартапи кои развиваат софтверски решенија не го добива должното внимание, иако скоро секогаш тој дел ја претставува можеби клучната вредност на компанијата. Кога се инвестира во компанија и посебно во стартап, секогаш гледајте навреме да ги обезбедете сите релевантни права на интелектуалната сопственост вклучувајќи ги и: изворниот код на софтверот, релевантните (дата-бази) податоци, трговските марки, дизајните, патентите, имињата на домени, трговските тајни, и секако сите доверливи информации што всушност припаѓаат на дадената компанија.

Ако сте инвеститор или купувач на бизнис, најдете време да ги проверите правата над интелектуалната сопственост пред да се одлучите за инвестиција. Зошто? Основачите на стартапи многу често започнуваат со активности на новата идеја без претходно да регистрираат бизнис. Дури и ако имаат бизнис, тој обично нема договори за вработување, бидејќи тие самите немаат формална плата.

Вакво мало невнимание може лесно подоцна да направи целосен хаос, и да се најдете во ситуација во која компанијата всушност нема право на сопственост врз работата првично направена од основачите. Целиот напишан софтвер, на пример, да биде всушност во приватна сопственост на основачите, како и интернет домените, па дури и трговските марки, кои често се регистрираат и на име на еден од самите основачи.

За таа цел, во прилог се наоѓа краток список, чек-листа, со кој може иницијално да ја проверите интелектуалната имотна состојба во еден стартап:

Заштита на софтверот

  • Квалитет и квантитет врз правата на софтверот
  • Патенти и пријави за патенти
  • Обем и тип на софтвер од трети извори, особено користен софтвер со отворен код
  • Механизми за заштита на изворниот код

Заштита на хардверот

  • Квалитет и квантитет на правата врз хардверот
  • Обем и тип на хардвер користен од трети страни

Заштита на трговски марки

  • Квалитет и квантитет на трговските марки и апликации за трговски марки
  • Валидност на регистрираните трговски марки

Заштита на друг вид на ИС

  • Имиња на домени
  • Know-How (пр.: трговски тајни или доверливи информации)
  • Дизајн / прототип / корисен модел

Договорни ограничувања

  • Дадени лиценци
  • Користење на лиценци од други
  • Други договорни ограничувања

Стратегија за ИС

  • Усогласување на производите/услугите со долгоричните цели
  • Стратегија во случај на неовластено корситење од трети лица

IP на трети страни

  • Слобода за работа – The freedom to Оperate (FTO)
  • Мониторинг на активностите

Спорови

  • Спорови против стартапот поднесени од трети лица
  • Спорови против трети лица поднесени од страна на стартапот

Иако со помош на оваа листа може да извршите иницијална проценка на некои важни правни и економски прашања во врска со ИС во контекст на технолошките стартапи, имајте на ум дека таа не е конечна, и не заменува професионален совет.

Од гледна точка на инвеститор, кога доаѓате во ситуација на трансферирање на ИС, најдобра практика е да има клаузули во сите договори за: вработувања, договори за дело или пак советодавните / консултантските договори, дека интелектуалната сопственост што произлегува од работата – по автоматизам се пренесува на компанијата. Но понекогаш, ваквите договори се потпишуваат откако работата веќе е започната, завршена или вооопшто не постојат ИС клузули во истите.

Доколку ИС е сè уште „во рацете“ на: (ко)основачите, поранешните основачи, советниците или консултантите и стартапот е во фаза на барање инвестиција, во тој случај, на компанијата и останува да го финишира процесот на стекнување на потребната интелектуалната сопственост од основачите (и останатите) пред самата инвестиција, или како дел од рундата на финансирање.

Непоседувањето на сите првата на ИС во еден стартап само по себе не е задолжително, но ќе ве спаси од многу финансиски болки во иднина. Чиста сметка – долга љубов!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!