Канадска „Магна“ ќе отвори втора фабрика во Македонија, но во друг град
Денеска во Штип симболично беше означен почетокот на градежните работи за инвестицискиот проект на компанијата „Магна мехатроникс“ во Технолошко индустриската развојна зона – Штип.
Инвестицијата е во вредност од 40 милиони евра и според најавите првично ќе се вработат 600 лица. Во фабриката ќе се произведуваат електромеханички делови за автомобили. Канадската компанија „Магна интернационал“ веќе има отворено објект во Струга за креирање и склопување ретровизори.
Потпретседателот на „Магна Интернационал“ Дејвид Креспи рече дека втората нивна фабрика во земјава претставува уште една одредница на нивното патување кон проширување на нивната работа и способности во регионот, како и поддршка на клиентите со иновативни производи од светска класа.
– Благодарни сме за поддршката што ни ја дава Владата и остануваме посветени на истражување дополнителни можности за раст, рече Креспи.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски нагласи дека е задоволство по една година преговори да се присуствува на камен темелник за новата фабрика на „Магна Мехатроникс“.
– Со оваа инвестиција обезбедуваме право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион со плати 20 проценти над државниот просек. Ова е пример и вистински модел на соработка на одговорни политичари и институции преку кои покажуваме дека може да испорачаме конкретни резултати за граѓаните, изјави Деспотовски.
„Магна Интернационал“ е една од реномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот.