Германија влезе во рецесија, познати се причините
Во првиот квартал од 2023 година германската економија се намали за 0,3% објави денеска германската Федерална служба за статистика Дестатис, што е намалување на првичната прогноза за раст од нула проценти.
По падот за 0,5% во последниот квартал лани, ова е втор квартал по ред со негативен раст на германската економија, што значи дека и официјално Германија е влезена во рецесија.
Економистите ја очекуваа оваа рецесија откако германското индустриско производство го претрпе најголемиот пад во последните 12 месеци, а продажбата на мало драстично се намали во март.
Според германските економисти главна причина за разочарувачките перформанси на германската економија во првиот квартал е падот на потрошувачката на домаќинствата, која падна за 1,2% во однос на претходниот квартал, бидејќи високата инфлација и зголемувањето на каматните стапки ја намалија куповната моќ на германските потрошувачи.
Потрошувачите во Германија кои се погодени од повисоката инфлација и зголемените трошоци за кредитирање, придонесе за 8,6% пад на продажбата на мало во март во однос на истиот месец пред една година.
Домаќинствата трошеа помалку на храна и пијалаци, облека, обувки и мебел во првиот квартал од 2023 година отколку во претходниот квартал, се вели во соопштението на Дестатис.
ММФ очекува Германија да го има најслабиот економски резултат споредено со најголемите светски економии оваа година, и му прогнозира пад на германското БДП од 0.1%.